Вонматерична - ектопична бременост

Што е вонматерична бременост

Кај нормалната бременост јајце клетката се оплодува во јацеводот и потоа патува до матката, каде ќе се всади.

vonmatericna bremenost

Кај ектопичната (или вонматерична) бременост доаѓа до всадување или имплантација на ембрионот надвор од матката. Зборот ектопична значи надвор од своето место.

Во повеќе од 95% од случаите на вонматерична бременост импланацијата е во еден од јајцеводите. Многу поретко може да се случи ембрионот да се всади: во стомачната празнина надворешно на матката, во јајниците или во вратот на матката.

Во ниеден случај нема услови за одржување на бременоста. Како што расте ембрионот доаѓа до пукање на јајцеводот или другите органи, тешко крварење и го доведува во опасност животот на жената.

Фактори на ризик за вонматерична бременост

Точната причина за поголемиот број од случаите на вонматрерична бременост не се знае. Она што се знае е дека следните фактори ги зголемуваат шансите да дојде до неа:

  • Воспалителна болест на малата карлица (PID). Најчести причинители се гонореја и хламидија. По овакви инфекции е зголемен ризикот од вонматерична бременост, затоа што овие микро организми често ги оштетуваат јајцеводите и ја намалуваат нивната способност да ја пренесат оплодената јајце клетка до матката. По инфекцијата јајцеводите може да останат целосно или делумно блокирани.
  • Претходна ектопична бременост. Во овојслучај има 10-15% шанси ектопичната бременост да се повтори. Сепак 85-90% се шансите дека ќе имате нормална, до крај износена бременост.
  • Претходни операции на јајцеводите или малата карлица.
  • Абортуси.
  • Ендометриоза.
  • Третмани за неплодност: хормонална стимулација, ИВФ и сл.
  • Пушење.
  • Возраст над 35 години.

Симптоми на вонматерична бременост

Воонматеричната бременост понекогаш е тешко да се дијагностицира затоа што нејзините рани симптоми може да бидат исти со раните симптоми на нормална бременост. Можат да се јават типични симптоми за бременост: гадење, повраќање, болни гради и сл.

Она што најчесто е алармирачки знак е појава на крварење (најчесто околу една седмица после очекуваната менструација). Ова крварење некои жени го помешуваат со менструација, но обично се разликува по тоа што е: со потемна боја – често пати е кафенкасто, најчесто е послабо од нормалната менструација, но може да биде и обилно, може да биде продолжително и да не запира.

Често пати крварењето е придружено со болка во едната страна од стомакот, но понекогаш болката може да биде во целиот стомак. Обично тоа е јака, ненадејна болка, која станува појака ако сте активни или ако на пример се накашлате.

Доколку ги чувствувате овие симптими итно отидете кај Вашиот лекар.

Доколку веќе дојде до пукање на делот каде што се наоѓа ембрионот, се јавуваат следните симптоми:
Болка во рамото. Ако дојде до крварење од местото на кое е сместен ембрионот, насобраната крв може да ги иритира нервите и да чувствувате специфична болка во рамото. Како резултат на губитокот на крв може да се јави: гадење, повраќање, несвестица или низок крвен притисок.

Поставување на дијагноза за вонматерична бременост

Доколку имате симптоми на вонматерична бременост, ќе бидат направени повеќе испитувања:

Ќе Ви биде направено испитување на количеството на hCG хормонот (хуман хорионик гонадотропин). Ако концентрацијта е премногу мала за периодот на бременоста во кој се наоѓате, можно е да се работи за вонматерична бременост или спонтан абортус. Количеството на овој хормон кај нормална бременост се дуплира на секои 2 дена. Затоа веројатно тестот ќе треба да го повторите за 2-3 дена. Ако за тоа време hCG не се дуплира, веројатно се работи за вонматерична бременост или спонтан абортус.

Се прави ултразвучно скенирање, со цел да се види каде е имплантран ембрионот. Доколку се види дека ембрионот е во јајцеводот, несомнено се работи за вонматерична бременост. Понекогаш затоа што ембрионот најчесто умира додека е многу мал, во јацеводот можеби ќе се примети само задебелување, згрутчена крв или пареченца ткиво.

Вагинален преглед. Понекогаш на овој начин гинекологот ќе може да примети дека има отекување на јацеводот или околното ткиво.

Доколку овие испитувања не потврдат дека се работи за вонматерична бременост, можеби ќе треба да се направи лапароскопска дијагностичка операција, за да се види дали јајцеводите се празни.

Третман на вонматерична бременост

Кај вонматеричната бременост за жал нема никакви шанси да се премести ембрионот и да се одржи бременоста.

Ако ектопичната бременост била утврдена уште многу рано, можен е третман за нејзино отстранување со лекарства. На жената и се дава инекција со Метотрексат за да се запре растот на плацентата. Доколку е успешен третманот, ембрионот ќе биде абсорбиран во телото на мајката и ќе нема потреба од дополнителни интервенции. По овој третман ќе треба да избегнувате алкохол, мултивитамински препарати, препарати на фолна киселина и сл. затоа што може да го попречат дејството на Метотрексатот.

Доколку не може да се постигне успех со медикаменти, се прави лапароскопска операција за да се отсрани ембрионот. Кај оваа операција се прави мал рез на стомакот и со помош на минијатурна камера и микрохируршки инструменти се отстранува ембрионот, а јајцеводите се зачувуваат. Доколку веќе дошло до пукање на делот, најчесто се отстранува и јајцеводот.

Понекогаш ако се работи за поголем ембрион, големо крварење и сл. не е можно да се изврши лапароскопска операција. Во оваков случај се прави класична хируршка операција на стомакот и често пати се отстранува и јајцеводот.

Без ралика каков третман ќе биде извршен, во следните неколку седмици ќе биде испитувано нивото на hCG хормнот, за да се осигура дека целото ткиво било успешено отстрането. Ако hCG не се намали, можно е да има потреба од уште еден третман со Метотрексат или лапароскопската операција.

Кога hCG ќе спадне на нула, значи дека проблемот е решен. Се препорачува да се направи 6 месечна пауза до следната бременост.