Синдром на полицистични јајници (PCOS)

Што е синдром на полицистични јајници (PCOS)

 

Синдромот на полицистични јајници се карактеризира со нередовни менструации, зголемена влакнавост, jајниците често се зголемени и имаат многубројни цистични творби итн. Синдромот на полицистични јајници се среќава кај 5-10% од женската популација. Жените кои патат од синдром на полицистични јајници треба редовно да се лечат и контролирааат, затоа што кај нив е зголемена опасноста од болести на срцето и крвните садови, висок крвен притисок, дијабетeс, маснотии во крвта, рак на ендомериумот и јајниците и сл.

Во бременоста кај жените со синдром на полицистични јајници, спонтаните абортуси се почести, исто се поголеми и шансите за труднички дијабетес, зголемен крвен притисок и прееклампсија.

Иако често пати се дијагностицира или лекува заради неплодност, треба да се знае дека синдромот на полицистични јајници е болест на ендокриниот ситем кај жените.

 

Симптоми на синдром на полицистични јајници

 

Жените со синдром на полицистични јајници имаат барем неколку од следниве симптоми:

  • Нередовна менсруација. Ова е најчестиот симптом. Менструацијата се јавува на растојанија поголеми од 35 дена, често пати може да изостане со месеци. Нередовните менструации можат да се јават од пубертетските денови или пак да започнат после зголемувањето на телесната тежина.
  • Зголемено ниво на машки хормони, што од своја страна предизвикува: зголемена влакнавост, опаѓање на косата, акни и сл. Но не сите жени со ПЦОС ги имаат изразено овие симптоми.
  • Односот на лутеинизирачкиот хормон (LH) и фолукулостимулирачкиот (FSH) е 2-3 пати поголем во корист на LH.
  • Зголемени јајници со многубројни цисти. Оваа појава може да се забележи на ултразвук. Но има жени кои имаат јајници со оваков изглед, а го немаат синдромот на полицистични јајници. Исто така има жени со ПЦОС кои немаат овакви јајници.
  • Неплодност. Често пати кај жените со ПЦОС има отсуство на овулација, односно не созреваат јајце клетките.
  • Прекумерна телесна тежина.
  • Темни флеки на кожата на вратот, под мишките, на внатрешноста на бедрата, под градите и на вулвата.
  • Дијабетес тип 2 или пред дијабетес. Се карактеризира со неспособност на организмот добро да го искористува инсулинот, односно во организмот постои нечувствителност на инсулин. Уште е наречен скриен дијабетис или нарушена способност на организмот за толеранција на глукоза. Во нормални случаи кога има вишок на шеќер во организмот, инсулинот прави тој да се складира. Со тоа нивото на шеќер во крвта се одржува на едно ниво. Кај дијабетис тип 2 ова функција е нарушена и нивото на шеќер во крвта после оброкот значително расте. Дијабетес тип 2 се испитува со тест на толеранција на глукоза.
  • Висок крвен притисок.

 

Поставување на дијагнозата - сидром на полицистични јајници

 

За поставување на дијагноза за ПЦОС е потребно да се проучат клиничките симптоми кај жената, да се направи ултразвучен преглед, како и лабораториска анализа на хормоните. Можат да се направат и дополнителни тестови за толеранција на глукоза и присуство на маснотии во крвта.

Раната дијагноза е од голема важност за да се спречат подоцните компликации како: дијабетис или срцеви заболувања.

 

Лекување на синдром на полицистични јајници

 

Лекувањето на жените со ПЦОС се состои во лечење на конкретните проблеми. На пример се превземаат мерки ако се работи за неплодност, се земаат други лекарства ако се работи за акни итн.

Долгорочно многу е важно да се намали ризикот за: висок крвен притисок, висок холестерол во крвта, срцеви заболувања, зголемена телесна тежина и дијабетес.

Медикаменти за регулирање на менструалниот циклус:

Контрацепција. Ако не се обидувате да останете бремени, докторот може да Ви препише контрацептивни медикаменти. На овој начин се намалува количината на машките хормони, а се намалува и ефектот од преголемото количество на естрогени. Ова ќе ги намали шансите за појава на ендометријален рак или ненормални крварења.

Прогестерон. Алтернативен метод е да земате прогестерон (најчесто Дабростон или Примолут Нор) во втората половина од циклусот, секој месец. Оваквиот третман ја регулира менструацијата и ги намалува шансите за ендометријален рак, но не го намалува нивото на машките хормони.

Третмани за постигнување бременост:

За да забремените потребно е да се постигне овулација. Често пати овулација кај ПЦОС се постигнува со користење на Кломифен. Кломифенот е хормонален препарат, кој се зема во текот на 5 дена во првата половнина од месечниот циклус кај жената, најчесто од 5-9 ден или од 3-7 ден. Ако лекарот увиди дека не се постигнува овулација со Кломифен, може да Ви препише и Метформин. Кај повеќето жени е ефикасна терапијата со Кломифен или комбинацијата со Метформин. Ако не се успее и на овој начин, се даваат гонадотропини во вид на инекции.

Доколку овулација не може да се предизвика со медикаменти, се прави т.н. дренажа на јајниците. Дренажата се прави преку лапароскопска операција, при што се прават убоди со струја или ласер, на површината на фоликулите на јајниците. На овој начин се уништуваат делови од јајниците, но се овозможува овулацијата. Успешноста на операцијата е поголема кај жени, кои телесната тежина претходно ја довеле во нормала.

Медикаменти за тип 2 дијабетис:

Често се употребува метформинот, за кој исто е утврдено дека после неколку месечна редовна употреба, позитивно влијае и врз процесот на овулацијата.

 

Важноста на здрав начин на живот кај PCOS

 

Од примарна важност при третирањето на ПЦОС е водење на здрав начин на живот:

  • Редовно вежбање. Често пати редовното вежбање е единствен начин кај жените со ПЦОС, за справување со нетолеранцијата на гликоза. Со вежбањето доаѓа до искористување на вишокот шеќер во крвта. Колку повеќе вежбате, толку подобро.
  • Намалување на телесната тежина. Одржувањето на нормална тежина, често пати е најсигурен начин за да се избегнат другите симптоми на ПЦОС. Често пати жените со преголема телесна тежина ако ослабат, повторно може да ја повратат овулацијата или да се ублажат другите симптоми. Зголемената телесна тежина може да биде одлучувачки фактор и за појава на дијабетис тип 2.
  • Јадете интегрални житарки, мешункасти растенија, кафеав ориз, многу зеленчук, овошје и друга храна богата со растителни влакна. Колку побавно храната се преработува во желудникот, толку побавно се зголемува и концентрацијата на шеќери во крвта, што е многу важно заради опасноста од дијабетес.
  • Избегнувајте прости шеќери како: слатки, газирани сокови, премногу овошни сокови и сл.
  • Избегнувајте храна богата со маснотии.
  • Доколку пушите, престанете.
  • Исфрлете го алкохолот.

Не заборавајте ги редовните лекарски контроли, на тој начин можете да спречите многу од можните компликации кај ПЦОС.